Најнови Вести

Директорот на ЈСП не знае каде е фирмата избрана за е-картичките

„Фирмата не е моја, јас не знам која е фирмата, односно знам која е фирмата, но не знам каде се наоѓа или која е адресата на која може да ја најдете.“

Вака директорот на ЈСП, Игор Јанушев одговори на прашањето на НОВА за тоа каде се наоѓа фирмата „Гентомар“ која го добила тендерот од ЈСП за да стане мастер дилер за продажба и надополнување на е-картичките за градскиот превоз.

На денешната прес конференција поврзана со проблемите кои настанаа во градскиот превоз по воведувањето на електронскиот систем за плаќање билети во автобусите, Јанушев рече дека оваа компанија досега редовно ги исполнувала сите обврски кои се дадени во договорот и засега таа постапувала според договореното.

„Претпоставувам треба да се обратите во фирмата и во Централен регистар за да ја најдете. Не е прашањето да се постави до мене или ЈСП Скопје, сепак тоа е приватна фирма која со ЈСП Скопје соработува. За ЈСП Скопје е најбитно да се спроведуваат обврските кои се дадени во договорот и сега за сега фирмата постапува согласно договореното, обврските и тоа што сме го побарале. Каде се наоѓа нејзиното седиште може да проверите во договорите“, рече Јанушев.

Но НОВА претходно објави дека „Гентомар“ е тешко е да се пронајде на Интернет, како и на адресите кои за неа се достапни во Централниот регистар и Електронскиот систем за јавни набавки. Ја баравме на повеќе адреси кои ги посетивме, но не можевме да ја пронајдеме за да поразговараме за новиот е-систем кој го имаат автобусите. Ја нема ниту во телефонскиот именик, каде не може да се најде телефонски број за контакт.

Според Јанушев, добивањето на тендерот е спроведено на електронска аукција со таканаречено негативно наддавање, каде фирмата ја намалила почетната сум за три ипол процентни поени и дала убедливо најдобра понуда од сите останати.

„Точно е дека договорот е на износ од 7 милиони и 800 илјади денари, или негде околу 127 илјади евра, но она што сакам да го напоменам е дека во овој период на важност на договорот, искористени средства, од оваа сума се 6300 евра кои фирмата ги добила како надоместок за реализација и продажба и надополнување на сите овие продажни места“, рече Јанушев.

Тој најави отварање на дополнителни 80 локации кои оваа фирма треба да ги обезбеди за продажба и надополнување на електронските автобуски картички.

НОВА во две стории пишуваше за изборот на фирмата „Гентомар“ која не може да се пронајде на адресите кои ги доставила до институциите, проблемите во градскиот превоз и за тоа дека градот нема доволно пунктови за полнење на електронските картички со нови средства. Одговорни за поставување локации на кои граѓаните ќе може да купат или надополнат автобуски билети се „Телеком“ и мистериозната „Гентомар“, кои добија тендери од ЈСП за новиот е-систем.