Search
вторник 21 ноември 2017
  • :
  • :

Која е политичката граница за врбување деца?

Политизацијата на младината, па и на децата, се чини дека во македонското општество веќе не предизвикува загриженост, а одамна не е тема од која јавноста се скандализира. Младината воопшто не е табу, зона на недопирливост за политичарите, туку напротив се претвора во целна група врз која нескриено се влијае, се придобива и се ангажира за политички цели. Подмладоците на политичките партии функционираат како сосема легитимен и важен сегмент во партиската организираност, но често и навидум партиски неорганизирани преземаат „детски“ акции и реакции што имаат одреден политички ефект, пишува Нова Македонија. Она што е симптоматично и забележливо е дека сѐ повеќе се спушта возрасната граница на политизираност на малолетниците, па се поставува прашањето дали постои некоја етичка граница или некакво непишано правило, што би ја дефинирало точката на невкусот во врска со возраста, под која политичарите и политичките партии би требало да се воздржат од заведување на младината. – Секако дека постои етичка граница под која е невкусно и неморално да се политизираат младите. Тоа е некоја возраст од 16 години – вели Илија Ацески, професор на Катедрата по социологија на Филозофскиот факултет. Свесен дека во време на силна и постојана индоктирнираност, како преку стандардните медиуми: телевизија, радио и весниците, но и на Интернет преку социјалните мрежи, тешко е да се контролира секојдневното влијание на политиката врз младите, професорот Ацески сепак смета дека до таа 16-годишна возраст детето сѐ уште има многу неодговорени прашања што го збунуваат во секојдневниот живот. – На таа возраст детето нема формирано политички погледи и ставови, втемелени врз сопствени согледувања и животно искуство. Иако можеби чекорат кон светот на возрасните и така изгледаат, сепак на таа возраст тие сѐ уште се деца во формирање, кои имаат многу неодговорени прашања за светот околу нив и лесно се подложни на влијанија, па и манипулации. Навистина, постои некоја законска регулатива и кодекс во врска со неискористувањето на младите во политички цели, но вешто се замижува и се преминува преку овие договорени норми на политички бонтон – смета професорот Ацески. Гледано од денешен аспект, некогашните активности на младите за разни државни празнични активности, како слетови за Штафетата на младоста, работни акции и слични форми на организирање во времето на социјализмот, се сметаат за своевидна претходница (и оправдување) за сегашниот политички активизам на младите. – Ангажманот на младите за некои манифестации од национален карактер, во кој се промовираат заедништвото, солидарноста, па и патриотизмот е сосема соодветен за нивната возраст во која се формира личноста и ставовите на младиот човек. Но од сопствените согледувања и проучувања, заклучувам дека партиското ангажирање кај младите предизвикува омраза. Деца истурени во први редови, или како заднинска поддршка на партиски случувања, во најмала рака е подмолно политичко дејствување. И само за гледање отстрана е дегутантно – укажува Ацески. Најзагрижувачко во целата ситуација со активната инволвираност на младите на политичката сцена е што сето тоа не предизвикува ригорозна осуда во медиумите, а воопшто не повлекува ни навестување за казни за политичките партии, кои ја користат таа недореченост или пренебрегнување на кодексот. – Примената и почитувањето на моралните вредности, на свој начин се појдовна точка за општествена казна за оние што ги прекршуваат, кога некои односи не се регулираат со закон. Во случајот со манипулирањето со младите во политички цели, видливо е, најмногу преку социјалните мрежи, дека општеството тоа не го оправдува, но и не реагира доволно енергично. Премолчувањето не значи и одобрување, но не значи ни осуда на прекршувањето на моралот. Да бидеме искрени, секаде во светот, политичарите се обидуваат да придобијат симпатизери и гласачи на сите дозволени начини, и границите на дозволеното постојано се поместуваат – потсетува професорот Проблемот кај нас е што, како што вели Ацески, се изгубени елементарните граници на политичката култура. – Мислам дека во деведесеттите години на минатиот век, кога започнуваше плурализмот во Македонија, имаше поголема политичка култура и поголема меѓусебна почит меѓу политичарите од различните политички табори. Имам впечаток, дека денес партиите дејствуваат како братства за кои сѐ е дозволено во општеството. Дејствуваат како клики. И кога паѓа еден од кликата, се распаѓа целото братство. А кога се распаѓа една организација, се распаѓаат и вредностите, какви-такви, на кои таа се засновала – констатира професорот по социологија Илија Ацески.