Најнови Вести

Платформа за двојни избори

Интервјуто на Али Ахмети, на 10.01.2017 год. во емисијата Click Plus на TV21 покажа дека Али Ахмети веќе може да се прекрсти во Ѓоргија сардисан.

katerina-696x522-1

За да го објаснам ова, ќе се послужам со неколку подточки:

  1. Нема во што ние да веруваме, ако долгогодишните пријателчиња од власта меѓусебно не си веруваат. Штом сардисаниот не му верува на манипулаторот, приказната е голема.
  2. Она што го говорел Груевски во предизборието било за дневно политичка употреба, а сардисаниот тоа неколкупати го потврди, колку да знае јавноста. Соодветно, вокабуларот се менува, а големите патриоти со анџарите в раце исчезнаа оти си ја завршија дневнополитичката им домашна задача.
  3. За СДСМ гласале цел сет гласачи, а за ДПМНЕ само Македонци. Само сардисан човек не може да разлачи кои сè партии се наоѓаат во коалицијата на ДПМНЕ.
  4. Треба да сте многу сардисан за да кажете дека без прифаќање на т.н. „Заедничката платформа на албанските партии“ објавена на православен Божик, 2017-то лето Господово, нема договор за нова Влада.

Иако од прв момент сметав дека е непотребно да се реагира на ова гротескно писание, еве по втор пат, ќе објаснам зошто е понижувачко за неговите пишувачи. Пак, во неколку подточки за да разбере и ТАА. (ТАА ми стана синоним за лица кои успеале да научат да читаат само букви, но не и текстови).

  1. Овие нафрлени реченици не се Платформа бидејќи, според сите лингвистички стандарди францускиот збор од 16. век наваму значи базичен план или буквално, рамна површина. Еволуцијата на зборот говори дека за платформа треба да говорите кога нешто НАДГРАДУВАТЕ. Ако сакате да напишете сериозна платформа треба да ги избегнувате грешките кои се појавуваат во ова писание.
  2. Имено, во него како прва точка се бара „постигнување на целосна рамноправност во согласност со Охридскиот Договор и Уставот“. Сепак, Ахмети и неговите пишувачи требало да знаат дека Охридски договор не постои туку постои Рамковен договор кој е потпишан во Скопје. Во Охрид се одржувале само договорните состаноци. Истиот тој Рамковен договор не постои од моментот кога неговиот текст беше внесен во Уставот на РМ. Но, потребата за опстојување на Секретаријатот за спроведување на непостоечкиот Охридски договор е битна институција за вдомување на пожелни пулени на ДУИ. Мене, а верувам и на други, не им е позната бројката на вработени во овој Секретаријат, ниту етничкиот состав, ниту обврските и резултатите на вработените. Се што знаеме е дека Секретаријатот има непотребно големи финансии, а извештаи за неговата работа изготвуваат трговски друштва. Кој каде, тие кај парите. И веројатно затоа се мачкаат очите на народот со тој непостоечки Охридски договор.
  3. Кога пишувачите на ова гротескна Платформа побарале „усвојување на Резолуција во Собранието на Република Македонија со која се осудува геноцидот врз албанскиот народ во Македонија во периосот од 1912-1956“ покажале дека се целосно историски НЕПИСМЕНИ.

Македонците и Албанците биле под истата османска власт до 28 ноември 1912 година кога била прогласена независноста на албанската држава, а претседател на Привремената албанска влада станал Исмаиљ Ќемаљи. Значи, на пишувачите требало да им биде јасно дека 1912 година никако не требала да влезе во таа историска рамка. За разлика од западните соседи кои го имале австро-унгарскиот мецена,, Македонците не биле толку среќни во 1912 година.

За волја на вистината, дел од албанската територија продолжила да опстојува како самостојна територија под власт на Есад Паша, а кој соработувал со српските власти. Следствено на тоа, дел од албанската територија била запоседната од српски војски. После Букурешкиот договор од август 1913 година српската власт била инсталирана и во Вардарска Македонија. Со цел да се ослободат од новата туѓинска власт во септември 1913 година било кренато заедничко македонско-албанско септемвриско востание.

Во 1914 година започнала Првата светска војна во која албанскиот народ немал нималку поразлична судбина од онаа на македонскиот, а после нејзиното завршување била создадена нова држава Кралство на Србите, Хрватите и Словенците. Вардарскиот дел на Македонија бил дел од овој државен субјект до 1929 година, кога Кралството СХС се преименувало во Кралство Југославија.

И се до почетокот на Втората светска војна, кога вардарскиот дел од Македонија бил окупиран од италијанско-албански војски (западниот дел на Вардарска Македонија) и бугарски војски (источниот дел на Вардарска Македонија).

После завршувањето на војната, Вардарска Македонија станува една од федералните единици на југословенската федерација се до осамостојувањето во 1991 година. Во тој период, сите решенија биле носени во Белград, а аминувани од републичките политички кругови.

После сето ова, бескрајно грубо, кусо и лито објаснување на историските случувања во периодот 1912 до 1956 година, останува нејасно што е барањето во писанието наречено платформа во однос на усвојување на Резолуција во Собранието на Република Македонија со која се осудува геноцидот врз албанскиот народ во Македонија во периосот од 1912-1956?

Кој, кого, кога, кому, зошто…… се само дел од прашањата на кои, ендемците – професионални историчари, одговараме во нашите трудови. Наместо заклучок ќе речам, дека ова писание т.н. платформа најмногу одговара на народната „Брза кучка, слепи кучиња раѓа“.

Според изјавата на Ахмети, нема да има Влада бидејќи секое реализирање на сериозна платформа е ПРОЦЕС, а не имагинарна желба на размазено дете.

Имајќи го предвид, слушнатото од Муса Џафери, дека станале бетер од каурите, не верувам дека и овој збор на Али Ахмети ќе ја издржи силината на албанската БЕСА.

Народе, подготвени ли сме за уште една тортура со повици со дневно – политичка вредност?

 

проф.д-р Катерина Тодороска